Гасификацијата приоритет за велешкиот бизнис
Заклучокот од втората седница на Локалниот економски совет е дека гасификацијата е најприоритетниот проект за Велес и дека бизнис секторот во целост ќе ги поддржи сите активности за гасификација на Велес.
На седницата на која присуствуваа 27 претставници на компаниите, советот на општината и медиумите, Градоначалникот Коцевски ја претстави визијата за Велес со фокус на гасификацијата, изградбата на мали хидроцентрали и урбанистичкиот развој на градот. На седницата, присутните стопанственици имаа можност да ги проследат презентациите на експертот Јован Христоски кој понуди решенија за сообраќајот во Велес и Мирјана Македонска, директор на проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем кој во три компоненти ќе им помага на претпријатијата да работат заедно и да се развиваат во локален и регионален контекст.