Прес конференција на градоначалникот Коцевски

Најавени решенија за најголемите проблеми на велешани

Велес ќе добие нови јавни претпријатија за гас и паркинзи. Ова на прес конференција одржана на 22 февруари годинава го најави Градоначалникот Аце Коцевски. „Одлучив со голема поддршка на членовите на Локалниот економски совет на следната седница на Советот на Општина Велес да предложам формирање на јавно претпријатие „Велес- гас“ што ќе го води процесот на гасификација на Велес. Со гасификацијата на Велес ќе се направи огромна заштеда на финансиски средства и се разбира голем бенефит ќе имаме заради заштитата на животната средина“, рече Коцевски.

Со проценка дека гасот во Велес се очекува да протече за 2 години, градоначалникот најави дека општината нема да губи време и веднаш ќе започне со подготовка на техничката документација, физибилити студијата, лиценцата за дистрибуција, изградба на секундарната и терцијарната мрежа со цел за две години гасот преку Штип во должина од 28 километри да дојде до Велес. На системот најпрвин ќе се приклучи индустријата, потоа јавните објекти, колективните стамбени згради и индивидуалните куќи. Според проценките од гасификацијата се очекуваат заштеди од 60 до 70%, средства кои можат да се вложат во отворање на нови работни места.

Второто јавно претпријатие „Велес-паркинг треба да помогне во разрешувањето на проблемите со сообраќајот и недостигот на паркинг места во Велес. Јавното претпријатие ќе има надлежност за организирање на јавното паркирање и за одржување на хоризонталната и вертикалната соообраќајна сигнализација и одржување на уличното осветлување. Веднаш ќе се пристапи и кон организација на зонско паркирање при што градот ќе се подели на две зони.

На прес конференцијата градоначалникот најави и масовна акција за чистење на дивите депонии во градот и најави повик до граѓаните активно да се вклучат во заложбите за решавање на состојбите со хигиената во градот. Тој ги извести новинарите дека ЈКП „Дервен“ ќе добие и две нови возила што ќе придонесат за одржување на хигиената во Велес.

Градоначалникот ја информираше јавноста за злоупотреби на парите на граѓаните при издавањето под закуп на градскиот базен и 40 билборди во градот. Во првиот случај со неплаќање на закупот општината е оштетена за над 40.028 евра, а во вториот случај 100.000 евра. Градоначалникот најави дека и во двата случаи ќе се истражат сите детали, а надлежните државни органи во истрагата што ќе ја водат треба да утврдат зошто и како дошло до злоупотребата.

Воедно тој ги информираше граѓаните дека базенот е во катастрофална состојба и ризичен за користење. Состојбата ќе се анализира и ќе се одлучи дали базенот може да се санира пред стартот на пливачката сезона.

Се што ќе утврдам незаконито ќе поднесам информации до основното јавно обвинителство за тие да одлучат дали ќе поднесат постапка, рече градоначалникот. Целата прес конференција можете да ја погледнете на следниот линк.