Снегот предизвика потешкотии во сообраќајот и наставата
Снегот што од вчеравечер го зафати подрачјето на Општина Велес предизвика потешкотии во одвивањето на сообраќајот и ги анимираше сите надлежни служби.
Во текот на ноќта по улиците во централното градско подрачје службите фрлаа сол и абразивни средства, а од утринава екипи на ЈКП „Дервен“ работат на расчистување на пристапите кон црквите, тротоарите и мостовите.
Екипите на ЈП „Македонија пат“ со механизација ги исчистија улиците до болницата во Велес и главните улици во градот кој се дел од регионалните патни правци, а ги пробија и патните правци кон селата Мамутчево, Иванковци и Раштани. Механизацијата на ГП „Делта пром“ ги исчисти патиштата кон Чолошово и Дорутовец, а фирмата „Изгрев“ работеше на расчистување на патиштата со три градежни машини кон Отовица,Сујклари, Кумарино, Бузалково и Ораовец. Екипи на ЈП „Македонија пат“ после 12 часот го расчистија патот кон село Црквино, а „Изгрев“ ќе продолжи со расчистување на патиштата кон Клуковец и Сливник.
Снегот го отежна и одвивањето на наставата во неколку подрачни училишта. Поради непристапниот пат настава немаше во подрачните училишта во селата Црквино и Раштани како и во училиштето „Стојан Бурчевски-Буридан“ во Иванковци. Во Бузалково денес се одржа само одделенска настава, додека предметната заради снегот е одложена затоа што ја следат деца од селата Сливник и Клуковец.
Надлежните служби и компаниите ангажирани од Општина Велес и утре ќе продолжат со континуирано следење и решавање на состојбите. Утре изутрина возило на компанијата „Делта пром“ ќе истура сол и абразивно средство на потегот од Којник до улицата „Благој Ѓорев“. Останатите активности ќе зависат од приоритетите на терен.