Коцевски со излагања на симпозиум во Виена
Градоначалникот Аце Коцевски денеска ги презентираше своите искуства и ставови на панел дискусијата „Лидерство во градовите: кон поголема општествена одговорност и подобра испорака на услуги“ на Симпозиумот на градоначалници што се одржува во Виена, Австрија. Ова беше негово второ излагање од почетокот на симпозиумот.
Во рамките на симпозиумот и вчера (26 февруари годинава), градоначалникот Коцевски имаше свое излагање на панел дискусијата „Финансирање и поддршка на процесот на децентрализација во земјите на Југоисточна Европа“.
Коцевски престојува во Виена на покана на Програмата за урбано партнерство на Канцеларијата на Светска банка во Виена и Михаел Хепл, градоначалник и гувернер на Виена. Симпозиумот што се одржува од 26 февруари до 1-ви март годинава во австриската метропола е на тема „Одржлив урбан развој во Југоисточна Европа“.
На симпозиумот во Виена учествуваат 150 учесници од 7 земји на Југоисточна Европа и други делови на Европа и светот: градоначалници, претставници на државни институции, канцелариите на Светска Банка како и претставници на граѓанскиот сектор.
Целта на симпозиумот е споделување на добри практики во управувањето со градовите во Европа и во светот.