Нови снежни врнежи - сите служби работат на терен

Новите врнежи од снег што беа поинтензивни утринава ги анимираа сите надлежни служби на подрачјето на Општина Велес. По информацијата од Центарот за управување со кризи дека во Ветерско снегот го блокира пристапот до жена на која треба да и се достават лекови, екипи работат на расчистување на патот. Механизација на ГП „Изгрев“ работи на расчистување на новите снежни наноси кон село Бузалково. ГП „Делта пром“ со механизација ги расчистува патиштата кон Оризари, Клуковец и Сливник.

Од утринава дополнителни количества сол и абразивни средства се фрлаат на пристапот кон Којник, на улицата „Васил Ѓоргов“ и улицата „Коле Неделковски“. Екипи на ЈКП „Дервен“ се на терен и континуирано работат на расчистување на тротоарите и другите јавни површини. Сообраќајот на магистралните и регионалните патни правци се одвива без поголеми потешкотии. Поради временските услови денеска предметна настава нема во подрачното училиште во Бузалково каде се одвива само одделенска настава.

Поради новите снежни врнежи и голомразицата настава нема и во училиштето во Раштани. Во сите други училишта и во градот и во населените места наставата се одвива нормално без поголеми проблеми. Општина Велес апелира до граѓаните да внимаваат на појавата на голомразица со оглед на најавите за ниски температури утре во утринските часови. Според УХМР утринските температури ќе се движат помеѓу -10 и -17 степени. Се очекува времето да се стабилизира во петок 2-ри Март, 2018.