Службите на терен – потрошени 15 тони сол и ризла
Ниските температури и силниот ветер во ноќните часови предизвикаа нови снежни наноси кај селата Бузалково и Сливник. Одговорните служби во општината информираат за наноси од 1.5 метри кај селото Бузалково. Механизација на ГП „Изгрев“ работи на расчистување на наносите. Патиштата што вчера беа расчистени кон Клуковец, Бузалково и Ветерско денеска се проодни. Во училиштата во градот и во сите подрачни училишта во населените места наставата денеска се одвива без проблеми.
Од почетокот на студениот бран ЈКП „ Дервен“ потроши над 15 тони сол и ризла од кои 10 тони се потрошени од службите за јавна чистота за тротоарите, мостовите и пристапите кон црквите. Единицата „Паркови и зеленило“ употреби над 4 тони сол за парковските површини. Општина Велес потроши 3 тони сол и ризла за улиците низ градот и кон село Бузалково, а 600 килограми се дистрибуирани за жители на општината кои живеат на тешко пристапни и стрмни места.
Поради студениот бран, Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство препорача да се ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години. Работници кои работат на отворено се препорачува да го ограничат времето на отворено од 10 до 16 часот, со повремени паузи по половина час во топли простории на секои два часа.Комисијата апелира да се избегнува физичка активност на отворено, а при движење да се внимава на лизгави површини и да се носи топла повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз и почесто да се консумираат топли напитоци. Утринава во Велес се измерени -12 степени.