Замина Климкар Меанџиева, Телеграма со сочувство од Градоначалникот Коцевски
По повод смртта на поетесата Павлина Климкар Меанџиева, која Велес засекогаш ја загуби на 2-ри март годинава, Градоначалникот Аце Коцевски до семејството на Меанџиева упати телеграма со сочувство:
„Почитувано семејство Меанџиеви,
Во овие моменти на семејна тага дозволете ми од мое име, од име на Советот на Општина Велес и од граѓаните на родниот Велес да Ви изразам искрено сочувство за големата загуба.
Павлина Климкар Меанџиева остави неизбришлива трага на човечност, преданост кон професијата и уникатна убавина на пишаниот збор. Нејзиниот голем поетски опус има посебно место во македонското литературно творештво.
Павлина не беше само истакната писателка која пленеше со својата автентичност, лиричност и поглед кон светот, туку и жена борец која која до последниот ден умееше да каже дека нема ништо поубаво од белото видело, од животот.
Таа беше и останува оној тивок, ненаметлив, а громогласен израз на Велес низ вековите што поминале и времето исправено пред генерациите што таа благородно ги учеше и надградуваше.
Нејзиниот роден Велес деценискиот труд на Павлина Климкар Меанџиева го награди со највисоката награда за животно дело „Гемиџии“.
Бесценетото богатство на зборови, емоции и слики што таа му го подари на својот Велес, на сите генерации, останува најголем аманет да го чуваме и негуваме споменот за неа, за нејзиното дело и неискажливата човечка големина.
Нека и е вечна слава и благодарност “, стои во телеграмата.
Посмртните останки на Павлина Климкар Менџиева беа погребани на 4-ти март, 2018 година на градските гробишта во црквата „Св Спас“ во Велес. Таа имаше објавено над 25 стихозбирки. Нејзината поезија е преведена на 6 светски јазици. Добитник е на престижни награди. Павлина Климкар Менџиева беше член на Друштвото на писателите на Македонија и литературниот клуб „Коста Солев“.