Велес меѓу првите со план за одржлива урбана мобилност

На прес конференцијата одржана на 8-ми март годинава, Градоначалникот Коцевски најави дека на претстојната седница на советот ќе предложи одлука за изработка на план за одржлива урбана мобилност. „Тој претставува  стратешки документ чија цел е да се подобрат условите за живот на граѓаните со обезбедување на поголема мобилност на граѓаните, на јавниот и на деловниот сектор.Овој план ќе ги следи најновите светски и европски трендови на промена на начинот на планирање на сообраќајот. Наместо автомобилите на прво место ќе се стават пешаците, потоа велосипедистите, па јавниот превоз и на крај користење на автомобилите на одржлив начин.

Во Велес мора да се создадат услови градот да биде достапен за сите граѓани без оглед на нивната возраст,  полот, физичките способности и економски статус. Конечно градот да им го вратиме на луѓето наместо на автомобилите , особено на децата, затоа што ако градот е добар за децата значи дека е добар за сите останати. 

Со организирање на подобра достапност и зголемено користење на одржливите видови сообраќај ќе се постигнат следните цели: развој на градот по мерка на човекот и на одржлив начин, добивање ефикасен, безбеден и одржлив сообраќај достапен на сите, намалување на бројот на жртви и повредени во сообраќајот, намалување на штетните влијанија на сообраќајот врз животната средина, унапредување на пешачкиот и велосипедскиот сособраќај со изградба на потребна инфраструктура, развој на јавниот превоз на извори на енергија што не ја загадуваат животната средина, обезбедување на паметни паркинзи, намалување на користењето на приватни автомобили и особено намалување на нивното присуство во централното градско подрачје.

Предлогот на градоначалникот Аце Коцевски доаѓа како резултат на неговото учество на симпозиумот на градоначалници и конференциите  во Виена, Австрија каде имаше свои излагања, но и можност да ги види најиновативните практики и искуства во Европа.