Eколошка акција - за два часа собрани 140 м3 смет

Околу 200 вработени во општинската администрација и ЈКП „Дервен“, наставници и ученици во основните и средните училишта и претставници на граѓанскиот сектор, предводени од градоначалникот Аце Коцевски за два часа собраа 140 м3 смет. Градоначалникот Коцевски позитивно ја оцени  пролетната еколошка акција „Не валкај-разубави“ организирана на 10-ти март годинава.

„Акцијата ја оценуваме како многу успешна, можам да заклучам дека за жал учеството на граѓаните беше многу мало. Особено не ми се допадна што одредени граѓани додека ние чистевме седеа на припек на сонцето и си гледаа сеир. Тоа значи дека во наредниот период многу повеќе треба да работиме на поттикнување на јавната свест, почнувајќи од детските градинки, основните и средните училишта, па потоа и со граѓаните и комбинирано со тоа да има прво  предупредување од страна на комуналниот инспектор и комуналните редари и да почнеме со сериозно казнување на граѓаните и институциите кои не ја почитуваат чистотата во градот“, рече Коцевски.

Наспроти поголемиот број граѓани кои потфрлија и покажаа дека воопшто немаат граѓанска одговорност ниту свест за сопствената животна средина, светла точка на акцијата беа група граѓани кои самоиницијативно го чистеа сметот помеѓу улиците „Крсте Мисирков“ и „Андон Шурков“ како и претставницитте на Општинската организација на Црвениот крст и граѓанските организации „Грин Пауер“, „Вила Зора“ и „Фокус“.  На акцијата особена посветеност покажаа членовите на „Грин пауер“ и велешките планинари кои ги исчистија медицинскиот отпад на брегот помеѓу инфективното одделение на болницата и ОУ „Блаже Конески“. Градоначалникот Аце Коцевски во изјавата за новинарите ги најави и идните активности за управување со отпад на регионално и национално ниво.

Интегралната изјава на Коцевски можете да ја видите на следниот линк