Историски одлуки за Велес

12-та седница на Советот на Општина Велес одржана на 14 март годинава по многу нешта е историска и за сегашноста и за иднината на Велес. За првпат од основањето на општината на предлог на градоначалникот Аце Коцевски советот донесе одлука за изработка на две клучни стратегии со кои се исцртува иднината на Велес. Стратегијата за развој  „Велес – паметен град”, 2018 – 2030 и Планот за одржлива урбана мобилност на Велес 2018 – 2030, имаат за цел Велес да го трансформираат во една од водечките општини во Македонија и регионот на планот на обезбедување на паметни, квалитетни и енергетски ефикасни услуги кон граѓаните.

Обете стратегии граѓаните и нивните потреби ги ставаат на прво место : Почнувајќи од подобрувањето на условите  за живот, здравје, независност, образование, стандард, јавни услуги, инфраструктура, вработување, социјализација,  културна надрадба, економски развој и проактивност што ја овозможува стратегијата „Паметен град“ со максимална поддршка од информатичката технологија до решавањето на најгорливиот проблем сообраќајот со Планот за одржлива урбана мобилност преку воведување на нови решенија за јавен превоз како што се електромобили, максимално обезбедување на велосипедски патеки, намалување на бројот на возила и загадувањето, обезбедување на енергетски ефикасен превоз за сите граѓани и креирање на нова реалност во која градот ќе биде достапен за сите граѓани без оглед на нивната возраст,  полот, физичките способности и економски статус.

Обете одлуки наидоа на голема поддршка од Советот на општината чии членови изразија надеж во остварувањето на целите на стратегиите. Градоначалникот Коцевски на седницата изрази благодарност за поддршката со консензус и рече дека членовите на советот на овој начин покажуваат дека ја ставаат иднината на Велес и благосостојбата на граѓаните пред сите други интереси. Во најкраток можен рок, како што најави Коцевски ќе започне тендерската процедура за изработка на двете стратегии.