ОФИЦИЈАЛНО- ВЕЛЕС СО ДВЕ НОВИ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА
На 14 март годинава, во рамките на 12-та седница Советот на Општина Велес ги донесе одлуките за основање на две нови јавни претпријатија ЈП за енергетика „Велес гас“и ЈП „Велес- паркинг“. Предлозите на градоначалникот Аце Коцевски за основање на двете јавни претпријатија ги поддржаа мнозинството советници.
Со ова се создадени предусловите за гасификација на Велес и навремено завршување на сите потребни активности за да може за две години гасот како најефтин енергенс да стигне до Велес. Најпрвин на гасоводот ќе се приклучи индустријата, потоа јавните објекти, колективните стамбени згради и индивидуалните куќи. За 2 години гасот од Штип преку Свети Николе во должина од 28 километри се очекува да стигне до Велес и да донесе големи придобивки и заштеди.Јавното претпријатие ,,Велес паркинг,, ќе одговори на потребите на велешани за паркирање, решавање на сообраќајниот метеж и надминување на сите актуелни проблеми во сообраќајот. Градоначалникот Коцевски изрази задоволство од поддршката на членовите на советот кои со донесувањето на одлуките создадоа можност за промени и унапредување на услугите кон граѓаните и бизнис секторот.