Градоначалникот Коцевски во посета на Маркард
Маркард инвестира во младите велешани
Софистицирана опрема, производство по највисоките европски стандарди, производи за реномирани компании како „БМВ“, „Фолксваген“, „Јагуар“, „Ауди“, „Сканија“, најсовремено планирање и стандарди за квалитет, сето ова како пријатно изненадување имаше можност да го види градоначалникот Аце Коцевски на средбата со домаќинот Волфганг Ајхер, генерален менаџер на „Маркард-Македонија“.
На покана на директорот Ајхер, Коцевски на 16 март годинава ја посети фабриката во индустриската зона „Караслари“ и разговараше со врвниот менаџмент за продлабочување на соработката помеѓу општината, средните стручни училишта и компанијата „Маркард“. Како што најави Ахјер, „Маркард“ ќе инвестира средства и опрема за опремување на техничка училница во ССОУ „Коле Неделковски“ каде во иднина компанијата ќе гради кадри преку практична обука. „Сакаме да дадеме наш придонес во градот и во регионот и да го пренесеме моделот на германските стандарди“, рече тој. Со огромна поддршка за новиот проект Коцевски изрази задоволство што оваа реномирана компанија го избра Велес. „Тоа е многу значајно за нашата општина не само затоа што вработувате голем број граѓани, туку е и сигнал дека Велес е посакувана бизнис дестинација. Со советот на општината ќе ги поддржиме вашите проекти“, рече тој на средбата. При посетата на „Маркард“ градоначалникот имаше можност да го види целокупниот процес на производство и од тимот на компанијата Димче Матев и Олгица Марковска да се запознае со профилот на „Маркард“. Со обрт од 1,2 милијарди евра на глобален план, 43 милиони евра обрт и 517 вработени во Македонија, „Маркард“ е водечка компанија во земјава. Компанијата која произведува електронски елементи за автомобилската индустрија работи на 19 локации во 13 земји, на 4 континенти и има над 10.000 вработени. Според најавите за 2 години и во Македонија „Маркард“ ќе ги прошири капацитетите.