ПАМЕТНИТЕ ГРАДОВИ ТЕМА НА СОРАБОТКА СО СЛОВЕНИЈА

Амбасадорот на Република Словенија Милан Јозбец, на 16-ти март годинава го посети Велес. Во рамките на посетата на Општина Велес тој оствари средба со градоначалникот Аце Коцевски. Во фокусот на интересот беа потенцијалите за продлабочување на соработката со словенечките општини на тема паметни градови и одржлива урбана мобилност.

Градоначалникот Коцевски го информираше амбасадорот Јозбец за подготовките на двете клучни стратегии за развој на Велес како паметен град и град со одржлива урбана мобилност со цел е да го подобрат животот на граѓаните. Тој изрази задоволство од можноста да соработува со експерти од Љубљана на овие теми и отворените перспективи за размена на најдобрите практики.

Амбасадорот Јозбец најави нови можности за соработка преку Програмата за меѓународна развојна соработка на Република Словенија која овозможува реализација на проекти во областа на екологијата, изградбата на пречистителни станици и туризам. На средбата со Коцевски тој покрена иницијатива Велес да се вклучи заедно со Охрид во проекти во рамките на програмата.

Како што беше договорено, искуствата на Љубљана, Копар и другите словенечки градови ќе бидат темелот на идната соработка во развојот на паметните градови. На средбата присуствуваа основачот на „Матица“ поетот и литературен критичар Раде Сиљан и Јулија Хуман -практикант од Љубљана.

Во рамките на посетата, гостите заедно со градоначалникот Коцевски го проследија перформансот „Преку разликите ги спознаваме сличностите“ на младите актери од ООУ „Васил Главинов“ предводени од актерката Весна Димитровска. Перформансот се одржа во салата „Бели мугри“ по повод Денот на училиштето.