Интервју на Коцевски за Турската национална телевизија
Екипа на англискиот канал на Турската национална телевизија ТРТ со Снежана Лупевска, одговорен уредник на ТВ „Телма“, на 21 март годинава направи интервју со градоначалникот Аце Коцевски. Бизнисот на младите велешани со лажните вести беше во фокусот на интересот на новинарите.
Како што изјави Коцевски во разговорот со новинарката Нела Латиќ, според него појавата на лажни вести е резултат на пропаѓањето на индустријата во Велес и тешката транзиција која ги поттикна младите да бараат алтернативни начини на заработка. „Ниту за градоначалникот ниту за градот не е добро да биде препознатлив по овие негативни појави. Заедно со централната власт треба да работиме на изнаоѓање соодветни решенија за да може овие млади да заработуваат на легален начин.
Решението го гледам во заедничките заложби со владата да создадеме услови и претпоставки за отварање на стартапи и ИТ компании во кои може да се ангажираат млади луѓе со вештини за работа на интернет. Ние тековно работиме на создавање на Младински креативен центар кој треба да ги обедини младите и на планот на иновациите и креативноста. Како локална власт немаме многу надлежности, поддршката од централната власт во заложбите да ги задржиме младите овде и да им создадеме услови за работа е неопходна“, рече меѓу другото Коцевски.
Во рамките на престојот во Велес новинарската екипа на ТРТ посети повеќе локации во градот и околината и се обиде да ги пронајде креаторите на веб страници и фејсбук профили кои заработуваат со преземање на туѓи профили од социјалните мрежи и ширење на вести за американските консументи.