„Пролетниот снег“ не направи проблеми
Снежните врнежи кои од рано изутрина ја зафатија Општина Велес не предизвикуваат поголеми проблеми во нормалното функционирање. Сепак институциите ја следат состојбата и се подготвени да реагираат доколку се појави потреба.
Според информациите кои ги добивме од Центарот за управување со кризи, до 09:00 часот нема пријави за блокирани патни правци кон населените места во било кој дел од општината. Доколку во текот на денот снежните наноси се интензивираат ќе се активира механизацијата за расчистување.
Во градската средина снегот не се задржува на коловозите. Вработените во работната единица комунална хигиена при „ЈКП Дервен“ не се ангажирани. Тие работат на исфрлање на сметот од домаќинствата. Сообраќајот на автопатот се одвива во зимски услови, отежнато но без застој и поголеми проблеми. Екипи на ЈП „Македонија пат“ се на терен, флраат сол и други абразивни средства.
Во сите училишта на територија на Општина Велес денеска наставата е започната и се одвива без проблеми.