Решавање на ситуацијата со одронот - безбедноста на граѓаните приоритет

Општина Велес во рамките на своите надлежности ги презема сите мерки за решавање на ситуацијата со карпите што се одронија на регионалниот пат Велес-Градско. Со цел да се заштитат граѓаните и да се осигура нивната безбедност на критичната точка, општината веднаш по одронот ги презема сите активности за кои законски е надлежна и ги постави барикадите и знаците со кои граѓаните се известени дека поминувањето покрај местото на одронот не е безбедно.

Секој ден општината врши контрола на поставената сообраќајна сигнализација. Со оглед на фактот што се работи за магистрален пат во надлежност на државата и ситуацијата е специфична поради опасноста од нови одрони, Градежниот факултет во Скопје препорача прво да се минираат големите одрони на коловозот и нестабилните блокови од карпата лоцирани  десно од регионалниот пат кои претставуваат голема опасност и за автомобилите и за пешаците. Надлежните државни органи веќе ја ангажираа формата „Гранит“ која ќе го врши минирањето и стручни лица работат на терен.

Се  очекува во најкраток можен рок да се заврши минирањето на критичните точки, да се расчисти патот и да се обезбеди привремено одвивање на сообраќајот без карпестата маса да претставува непосредна опасност за граѓаните. Стручните лица сметаат дека минирањето мора да се направи со крајна претпазливост на внимателно одбрани места и не е возможно проблемот да се реши одеднаш. Токму деталната анализа на карпата и вертикалните пукнатини кои и по одронот се голема опасност за минувачите, според стручните лица ќе обезбеди услови за прецизно минирање и решавање на проблемот.

Веднаш по минирањето  „Македонија пат“ ќе го заврши расчистувањето и транспортот на карпите. Во втора фаза ќе се работи на трајно решавање на проблемот со детална детална техничка документација за да се стабилизираат карпите.  И за општината и за државните органи и за експертите, безбедноста на граѓаните останува врвен приоритет и нема да пристапат кон избрзани решенија. Затоа Општина Велес апелира до сите граѓани и корисници на патниот правец Велес-Градско заради сопствена безбедност да ги почитуваат поставените знаци и барикади и да не се движат во близина на одронот додека се решава проблемот.