Старт на акцијата за отстранување на времени објекти - Примена на законот во прилог на животната средина

Бесправното поставување и користење на времени објекти на локациите каде според урбанистичките планови во Општина Велес треба да има зелени површини и пракинзи, во изминатите неколку децении резултираа со енормно загадување на воздухот и нарушување на урбанистичките целини и пејсажи.

Анализата на Општина Велес покажа дека дури 211 бесправни објекти само на потегот од општинската зграда до „Комплекс УЗУС“  го нарушуваат јавниот простор и ги користат објектите без да платат ниту денар за користење на јавна површина, создавајќи нелојална конкуренција на трговците, угостителите и граѓаните кои го почитуваат законот и ги плаќаат сите давачки кон општината и државата.

Врз основа на оваа анализа како и итната потреба за подигање на нови зелени површини и садење на дрвја за да се намали загадувањето, Општина Велес  ги започна активностите за етапно отстранување на времени и бесправно изградени објекти: настрешници, гаражи, киосци и сл. Во првата фаза опфатени се 27 објекти на улиците „Андон Шурков“, „8-ми Март“ и „Христо Татарчев“.

Акцијата ќе продолжи се до отстранување на сите времени и бесправно изградени гаражи односно објекти од овој тип, на подрачјето на градот кои според проценките се околу 600. Општина Велес апелира до сопствениците на објектите да соработуваат во интерес на примена на законот и во интерес на сите граѓани и да придонесат урбаниот простор и зелените површини да бидат достапни за сите граѓани подеднакво.