„Рацинови средби“ 2018 - Конституиран Организациски одбор

На 29 март годинава, во Општина Велес се оддржа првата конститутивна седница на Организацискиот одбор на културната манифестација „Рацинови средби“.

Во наредните две години за развој на манифестацијата и обезбедувањето на квалитетни содржини ќе се грижат градоначалникот Аце Коцевски како претседател на Организацискиот одбор и членовите на одборот  проф. др. Кристина Николовска, поетеса, теоретичар и професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. др. Људмил Спасов, професор на филолошкиот факултет и  претседател на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија, доцент м-р Гоце Ристовски, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“,  и м-р Божидар Јовиќ, пензиониран филолог, член на клубот на писатели „Коста Солев Рацин“.

На конститутивната седница учествуваа сите членови на одборот со исклучок на проф.др Кристина Николовска која од оправдани причини не беше во можност да присуствува. Како надворешни стручни соработници на Организацискиот одбор, за квалитетот на манифестацијата „Рацинови средби“ ќе придонесат и Марија Ѓоргиева Димова доцент на Филолошкиот факултет  и  м-р Сашо Димоски, член Советот за македонски јазик при Владата на Република  Македонија.

На седницата градоначалникот Коцевски нагласи дека „Рациновите средби“ се една од трите најважни културни манифестации во државата и заслужува посебно внимание и достојно ниво на организација. Присутните членови на одборот го изразија своето задоволство што ќе работат на организацијата на 55-то издание на „Рациновите средби“ кога Македонија одбележува 110 години од раѓањето и 75 години од смртта на великанот на македонската поезија и литература Коста Солев Рацин.

Организацискиот одбор ги утврди датумите за одржување на манифестацијата која во 2018 година ќе се одржи во периодот од 13 до 15 јуни. На седницата, членовите на одборот разменија мислења за соодветните програмски содржини и дадоа предлози за зајакнување на квалитетот на манифестацијата и на домашен и на меѓународен план. Според најавите, програмата на манифестацијата во целост ќе биде утврдена на следната седница на одборот.