Приоритетните проблеми во фокусот на советничките прашања

Решавање на проблемите со одронот, легализацијата на бесправно изградените објекти, проблемите со превозниците ангажирани за превоз на ученици, поставувањето на контејнери за отпад  на подрачјето на општината, кучињата  скитници, беа само мал дел од прашањата што членовите на Советот на Општина Велес  му ги упатија на градоначалникот Аце Коцевски на 13-та седница на советот што се одржа на 29 март годинава.

Во врска со одронот на  регионалниот пат Велес - Градско, градоначалникот ги информираше членовите на советот за сите активности и координацијата со надлежните државни органи за решавање на проблемот во најкраток можен рок. Тој најави дека доколку одронот не се отстрани до традиционалниот празник „Источен петок - Балаклија“, општината ќе организира превоз за граѓаните до манастирот „Св. Димитрија“. 

Во врска со појавата превозниците да не ги исполнуваат обрските за превоз на ученици соодветно со договорите што ги потпишале со училиштата, градоначалникот рече дека  училиштата не ја воделе добро постапката и не утврдиле дали превозниците имаат добра опременост со возила за да ги покријат сите линии.

Во пракса се покажало дека тие не ги исполнуваат условите за да одговорат на потребите на училиштата и да обезбедат соодветен  превоз за сите линии. Тој најави инспекциски контроли и поголем ангажман за надминување на проблемите.