Советот одлучи - кафе баровите ќе поставуваат опрема само на ограничени површини

На 13-та седница, на предлог на Градоначалникот, Советот на Општина Велес донесе одлука за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема. Со оваа одлука на сопствениците на кафе барови  и други угостителски објекти ќе им биде дозволено да поставуваат маси и столчиња само во широчината и должината на деловниот објект кон јавната површина, доколку се исполнети стандардите од одлуката и условите од други прописи.

Опремата може да излегува од границите на ширината и должината на објектот доколку местото каде што се поставува урбаната опрема претставува просторна целина, поставувањето не го попречува нормалното движење на ѓраѓаните, ги исполнува пропишаните стандарди и како целина е одобрена од страна на комисијата надлежна за спроведување на одлуката.

Доколку во просторот околу деловниот објект има организирана јавно прометна површина на која може да се постави урбана опрема, тогаш вршителот на дејноста од деловниот објект има право да поднесе барање за користење на истата, за кое користење ќе биде потребно да се обезбеди посебно мислење од комисијатa за одобрување на елаборати за исполнување на  стандардите. Урбаната опрема што се поставува по повод манифестации, презентации, изложби и за вршење на угостителска дејност, секојдневно по завршувањето на работното време треба да се  отстрани од јавната површина”.