Коцевски за шпекулациите - Продолжувам да работам за Велес

На прес конференција одржана на 7-ми мај годинава, градоначалникот Аце Коцевски одговори на шпекулациите што деновиве се шират низ Велес.

„Како што самите гледате, овде сум во општината, фокусиран на решавањето на голем број проблеми и предизвици. Точна е информацијата дека во изминатиот период се соочив со личен предизвик, со здравствени проблеми како што им се случува на многу луѓе на моја возраст, особено оние со стресна професија.

И овој предизвик го надминав и повеќе од кога и да е сум посветен на визијата Велес да го направиме убаво и пријатно место за живеење. Затоа претпочитам и замолувам, наместо со шпекулации да се занимаваме заедно со вистинските проблеми на граѓаните, со вистинските предизвици.

Немам намера да поднесам оставка и ќе продолжам уште попосветено да работам на сите проекти и активности што заедно со вас граѓаните ги утврдивме како приоритети за Велес и за кои впрочем на локалните избори ја добив довербата од гласачите“, рече Коцевски. Тој ги информираше новинарите за сите тековни проекти и активности во општината како и за состојбите со враќање на долговите и реализацијата на нови стратешки планови и проекти.