Позитивните финансиски резултати основа за развој на Велес

Со став дека во изминатиот период фокусот на работата на општината  беше враќањето на долговите што се  наследени од претходното раководство на општината, на прес конференцијата одржана на 7-ми мај, годинава, Коцевски информираше за финансиските резултати во првиот квартал од 2018.

„Само општина без долгови може да аплицира за сериозни проекти пред домашните и меѓународните организации и пред кредиторите. Задоволен сум од она што го постигнавме. Обврските кон приватниот сектор во најголем дел се вратени. Многу сум задоволен од финансиските резултати постигнати во првиот квартал од оваа година и можам да кажам пријатно изненаден“, рече Коцевски.

Тој ги информираше новинарите дека споредбено со првиот квартал во 2017 година, годинава реализираните приходи се за 28,68 милиони денари  поголеми. Односно  во  2017 реализираните приходи изнесуваат нешто над  150 милиони  денари, а во истиот квартал годинава  буџетот е наполнет  со 179 милиони  денари. Реализираните расходи се значително поголеми:  во 2017 изнесувале нешто над 139,5 милиони денари, а во овој квартал се реализирани 152,6  милиони денари. Од први јануари до  4 мај годинава општината вратила долгови во висина од 55 356.981 денари.

Коцевски наследи и долг од 1,5 милиони евра или 90 милиони денари кон ЈКП „Дервен“ со неплатена ниту една фактура од 2013 г. Досега општината успеала да врати 6.952.235 денари од овој долг. „Во изминатите 6 месеци откако сум градоначалник, немам потрошено ниту еден денар за ручеци, вечери, односно за репрезентација. Последната фактура од 1.020 денари е од 10-ти Ноември 2017 година, направена при посета на гости од збратимените градови за Денот на Општина Велес.

Тоа значи дека ние работиме многу чесно, многу одговорно и парите на даночните обврзници ги трошиме строго  домаќински. Реализираните приходи на Буџетот се поголеми за 28,68 милиони денари, трошоците за репрезентација се намалени за 92,5 пати, а трошоците за гориво се намалени за 3 пати. Капиталните расходи се за скоро 3 пати поголеми. Ние сме потрошиле 15, 3 милиони денари за капитални инвестиции наспроти 5,3 милиони денари  потрошени во првиот квартал во 2017“, нагласи Коцевски.

Тој укажа и на проблемот со недоволната екипираност на општината каде од вкупно 13 раководни позиции во одделенијата пополнети се само 3, а празни се и двете позиции за раководители на сектори. По одобрувањето на систематизацијата, се очекува општината да се екипира во најкраток можен рок. Како што нагласи Коцевски позитивните финансиски резултати се основа за развојните проекти. „Секогаш може подобро и повеќе. Најважно од се е што Велес се движи во вистинска правилна насока и резултатите за многу брзо време ќе дојдат“, рече градоначалникот.