Стоп за узурпацијата - сите се еднакви пред законот
Градоначалникот Коцевски на прес конференција ја информираше јавноста за мерките против узурпацијата на јавните површини пред зградите на улицата „Благој Ѓорев“.
„Одлучивме да преземеме конкретни мерки за да го спречиме понатамошното уништување на зелените површини од страна на сопствениците на угостителските објекти. Стручните служби од Општина Велес на лице место затекнаа загрижувачка состојба – заробени дрвја помеѓу тенди и олуци, ковани дрвени платформи врз кореновиот систем, поставени светлечки реклами на стеблата, спроведени цевки за одведување на атмосферска вода без одобрение од надлежен орган кои завршуваа под земја.
Да не зборуваме за монтираните платформи, кадрони, тенди и железни конструкции кои стигнале непосредно и до Спомен плочата поставена во чест на 105 загинати борци од Велес во Граѓанската војна во Грција.Оваа состојба мораше да се реши. Веднаш се започна со обработка на површините и враќање на зеленилото на граѓаните на Велес. На локацијата не се отстранети две конструкции/тенди.
Доколку сопствениците не ги отстранат доброволно ќе биде спроведена постапка за извршување и нивно присилно отстранување“, рече градоначалникот. Тој информираше дека дозволените граници со одобрение за поставување на урбана опрема на плочниците на ул. „Благој Ѓорев“ се обележани со бела боја од страна на службите во општината. За секое пречекорување на границите и поставување на урбана опрема надвор од дозволеното ќе биде спроведена постапка согласно прописите.
„Општината нема и нема да има селективен пристап за никого и мора да води грижа за сите граѓани, а не само за оние што остваруваат профит. Сите се еднакви пред законот и сопствениците на кафулињата мора да се придржуваат на одобренијата што ги добиле за поставување на урбана опрема. Нивните реакции на социјалните мрежи се неоправдани. Законот мора да го почитуваат во интерес на сите граѓани што го користат просторот“, рече Коцевски.