Инфраструктурните проекти приоритет
Иако соочена со долгови, Општина Велес работи на реализацијата на инфраструктурни проекти со цел да излезе во пресрет на потребите на граѓаните.
На прес конференција градоначалникот Аце Коцевски презентираше дел од тековните инфраструктурни проекти: Изведба на нова водоводна линија Велес-Превалец- Оризари, изведба на водоводна линија Раштани-Бузалково, проширување на улицата Самоборска и изведба на потпорни ѕидови, реконструкција на поголем број водоводни линии низ градот (улиците „Петар Дељан“, „Богдан Каракостев“, „8-ми Март“, „Костурска“ и др.).
Во завршна фаза е и проектот за изградба на надвозник кај Башино Село и се очекува до крајот на месецот да биде комплетно завршен. Општината работи на новите сообраќајни решенија и потребната документација за изведба на проектите. Од почетокот на градежната сезона се работи и на многу тековни проекти од помал обем на приоритетни локации за граѓаните. Над 10 милиони денари е висината на средствата наменети за подобрување на комуналната инфраструктура.
Бидејќи Коцевски наследи општина без техничка документација за инфраструктирни проекти, во изминатите месеци голем акцент е ставен на изработка на инвестиционо-техничка документација: за пречистителна станица за фекална канализација за град Велес и колекторски систем, проекти за сообраќајно решение за повеќе улици и крстосници во градот, паркинг на улица „Љубљанска“, улици за индустриска зона УЗУС, пристапен пат за село Сливник, потпорен ѕид на улица „Самоборска“, ободен атмосферски канал за заштита на град Велес, фекална канализација и пречистителна станица за индустриска зона „Мамутчево“, паркинг простор и атмосферски канал наспроти гробиштата во Раштани.