Нов поттик за локалната економија- Германска донација за практична обука во ССОУ „Коле Неделковски“

Денеска Велес беше сведок на вистински пример на соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор, а во интерес на младите и нивното стручно образование. ССОУ „Коле Неделковски“ доби техничка опрема во вредност од 40.000 евра. Оваа вредна донација ја обезбедија компанијата „ Маркарт“ и учесниците на меѓународното рели „Европа-Ориент“.

Донацијата е дел од проектот за дуално стручно образование кој го реализира германската Стопанска комора во соработка со Министерството за образование и наука. На свеченото примопредавање на донацијата, на 8 мај годинава, Заменикот Амбасадор на Република Германија во Македонија, Марко Акватичи истакна дека дуалното стручно образование е секогаш вин-вин ситуација за стопанството, за училиштето и за учениците. „Има недостаток од работна сила и со овие проекти се дава голем допринос кон намалувањето на невработеноста“, рече Акватичи.

Градоначалникoт Аце Коцевски во своето обраќање ја нагласи улогата на образованието: „Образованието е пасош за иднината, бидејќи утрото им припаѓа на оние кои од денес се подготвуваат за него“. Тој изрази голема благодарност до донаторите- компанијата „Маркарт“ и учесниците во релито „Европа-Ориент“. Коцевски ја најави инвестицијата на Општината од 50.000 евра кои ќе бидат искористени за реконструкција на азбесниот кров во машинската работилница во ССОУ „ Коле Неделковски“ со цел да се обезбеди пообезбедно место каде ќе престојуваат наставниците и учениците.

Генералниот менаџер на компанијата „Маркарт“, Волфганг Ајхер, се заблагодари за големата поддршка од страна на сите институции кон овој проект: „Сакаме оваа успешна приказна да продолжи и понатаму и во иднина да обезбеди подобар раст во економијата. За „Маркарт“ е од голем интерес да ги задржи младите во Македонија“, рече Ајхер. За директорот на ССОУ Коле Неделковски, донацијата е добар почеток за дуалното образование во Република Македонија и развојот на образовните концепти. Голем број германски компании како „Девалт“, „Метабo“, „Квбехенбергер“ и др. со спонзорства од различен вид го поддржаа овој проект.

„Идејата која стои зад релито Европа Ориент е да потрошиме помалку а да собереме повеќе пари во добротворни цели“, порача др. Петер Шауман, учесник во релито. Општина Велес и во иднина ќе обезбедува максимална поддршка за проектите кои придонесуваат за поврзување на средните стручни училишта со компаниите, како основа за економски развој и отворање на нови работни места за младите.