Одбележан Денот на Европа

Со фудбалски натпревари помеѓу имагинарни европски екипи создадени од средните училишта во Велес, средби со младите и презентација на 6 европски земји, денеска во Велес беше одбележан Денот на Европа 9-ти Мај.

Градоначалникот Аце Коцевски ги посети младите на градскиот стадион и крај штандовите во Младинскиот парк каде учениците ги презентираа земјите членки на ЕУ, нивните традиции, историја и култура. „Ја користам пригодата во свое лично име во име на Советот на Општина Велес и во име на граѓаните да го честитам 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Посакувам Македонија да биде држава во која нашите поколенија ќе ја гледаат својата перспектива, својата иднина тука, да останат на своето родно огниште, а не некаде во западно-европските земји и државите од американскиот континент“, рече Коцевски во изјава за медиумите.

Тој нагласи дека реформите што треба да ги правиме во наредниот период треба да бидат не затоа што тоа од нас го бара ЕУ или НАТО, туку пред сé за да создадеме поубава, подобра, поперспективна држава. Активностите по повод Денот на Европа беа поддржани од Општина Велес и ЕУ инфо точката во Скопје. На фудбалскиот турнир победи екипата на гимназија "Кочо Рацин" кои ги бранеа боите на Романија.