Зелено светло за статутите на новите јавни претпријатија

На 15-та седница на Советот на Општина Велес, одржана на 8-ми мај годинава, советот даде согласност за донесување на статутите на двете нови јавни претпријатија: Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Велес-паркинг“ и Јавното претпријатие за енергетика “Велес-Гас“.

Со ова, советот ги создаде предусловите за функционирање на двете јавни претпријатија. Статутите ги уредуваат основните прашања од значење за работењето на претпријатијата како што се  дејноста, органите на управување, средствата, организацијата и начинот на работа. Статутите уредуваат и други прашања неопходни за функционалноста на претпријатијата кои ќе придонесат за решавање на најгорливите проблеми со паркирањето во Велес и обезбедување на сите услови за гасификација и економски развој. На седницата советот го усвои и Кварталниот извештај за периодот од 1-ви јануари до 31 март годинава кој покажа позитивни финансиски резултати со  приходи  за 28,68 милиони денари  поголеми  во споредба со првиот квартал во 2017.