Организацискиот одбор со првична рамка за „Стоби“
Квалитетни претстави според антички текстови, враќање во автентичен амбиент и учество на реномирани театри од европските земји и од Македонија се суштинските насоки што Организацискиот одбор на ИФАД „Стоби“ ги утврди со градоначалникот Аце Коцевски на првата конститутивна седница одржана на 11 мај, 2018, во Општина Велес.
На средбата со претседателот на одборот, Драган Миладиновски и членовите Младен Крстевски, Васил Зафирчев, Славиша Ѓоргиев и Пенчо Кимов, Коцевски изрази задоволство од можноста за заедничка организација на фестивалот како уникатен културен настан во државата. „Верувам дека ќе организираме успешен фестивал на високо ниво “, рече тој, потенцирајќи дека успешен фестивал не може да се организира без максимална вклученост на театарот „ЈХК-Џинот“ што е причина дури тројца членови на Организацискиот одбор да доаѓаат од оваа реномирана театарска куќа.
На седницата, претседателот и членовите на одборот упатија благодарност за дадената доверба и најавија квалитетни програмски содржини со учество на еминентни театарски уметници од повеќе земји. Фестивалот ќе започне на 19 јули годинава, а за програмските содржини и организацијата јавноста ќе биде известена на посебна прес–конференција.