Колку се спремни општините за Европа? -Првите одговори презентирани во Велес

Капацитетите на администрацијата и квалитетот на услугите се во фокусот на вниманието на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредности на добро управување“ на Центарот за управување со промени. Резултатите од истражувањата во проектот финансиран од ИПА, за првпат беа презентирани на јавна дебата што се одржа во Велес на 30 мај годинава.

Во своето поздравно обраќање градоначалникот Аце Коцевски укажа дека ни треба мала ефикасна и компетентна администрација и дека мора да престане политизацијата на администрацијата и да се фокусираме на професионалните стандарди ако сакаме да напредуваме кон ЕУ. „Констатирано е дека сме заробена држава“, рече Коцевски кој нагласи  дека Европската Унија ги следи сите трендови во администрацијата што се одразуваат на севкупната оценка за напредокот на Македонија. „Професионалноста, етиката, нулта толеранцијата кон корупцијата и свесноста дека администрацијата е тука за да им служи на граѓаните се клучни услови за напредок и добро управување“ рече Коцевски.

Според презентираните резултати од истражувањето во Вардарскиот плански регион Општина Велес е водечка помеѓу 4 мониторирани општини и единствена што има систем за управување со квалитет, над 40 услуги за граѓаните во хартиена и електронска форма и воведен меѓународен стандард за квалитет.Во 2017 година Општина Велес Велес обезбедила 5239 услуги за граѓаните. Како што најавија Неда Малеска Сачмароска, извршен директор на центарот за управување со промени и Ели Чакар, државен советник во Министерството за локална самоуправа, администрацијата во општините ќе биде значајна за евроинтеграциите затоа што 70% од услугите се обезбедуваат на локално ниво. Децентрализацијата ќе опфати и нови услуги. Целата администрација и на локално и на државно ниво ќе треба да работи според мерит системот и  принципите на добро управување кои се пракса  во ЕУ.