Градскиот базен ризичен за капачите - новинарите сведоци на лице место

На 31 мај годинава, новинарски екипи од националните и локалните медиуми имаа можност на лице место да направат увид во состојбата на градскиот базен и да влезат во комората под базенот. Попуштените плочи и кородираната арматура сведочат за катастрофалната состојба во која се наоѓа објектот.

Според стручните лица од општината и наодите на Институтот за земјотресно инжинерство базенот е ризичен за капачите. Снежана Дервишова, градежен инженер во Општина Велес за новинарите ја опиша состојбата „Моментално состојбата со градскиот базен е алармантна, дури може да се каже и критична по животот и безбедноста на граѓаните.

Се работи за објект изграден пред повеќе од 40 години и начинот на изградба е таков што на носивите плочи од двете страни налегаат други три плочи. Од забот на времето, од абразивната средина е изедена арматурата. Посебно тоа се гледа во коморите каде заштитниот слој е комплетно отпаднат. Во текот на сите овие години вршени се тековни одржувања, но поголем зафат од поголем обем не е направен.

Потребна е комплетна замена на плочите на градскиот базен. Оваа година граѓаните нека имаат разбирање затоа што нивните најмлади се капат и да најдеме трајно решение за базенот. Треба да се направи проект за реконструкција на градскиот базен затоа што во моментов не постои колега којшто би потпишал за безбедноста на овој објект“, рече Дервишова. Според проценката зафатот ќе чини 3.100.000 денари од кои само замената на армирано-бетонските делови 1.800.000 денари.

Општината континуирано работи на алтернативни решенија. Веќе има заинтересирани инвеститори за истовремено вложување и во базенот и во Офицерскиот дом. Инвестицијата отвора можност велешани да добијат градски базен кој ќе биде отворен во летниот период, а затворен во зимскиот со што ќе може да се користи во текот на целата година.