По втор пат во Велес - рационализација за ефективно и ефикасно образование

Квалитетно образование за сите ученици, во соодветни услови, без мешање на генерации и училишни објекти кои ефективно ќе се користат се приоритетните цели на Иницијативата за подобрување на организацијата на училишната мрежа во Велес. Иницијативата беше усвоена на вчерашната 16 седница на Советот.

„Ве уверувам дека нема да има отпуштања, никој нема да остане на улица, никој нема да го изгуби работното место. Училиштето во Горно Оризари ќе престане да постои правно, но учениците пак ќе посетуваат настава во него, на Босански јазик, нема да им биде скратено ниту едно право.

За училиштето во Башино село, Сујаклари ќе разговарам со родителите, како ќе одлучат тие, така нека биде, дали сакаат да учат таму или да патуваат и учат во современи услови во Велес - рече градоначалникот Аце Коцевски кој ја предложи оваа точка на дневен ред. Точката предизвика полемика помеѓу членовите на советот.

Рационализацијата е резултат на анализата на стручните служби на општината која покажа недоволен број на ученици по паралелка во 4 основни училишта и недоволен број на паралелки во две училишта со што не се испочитувани одредбите од Законот за основно образование.

Следна фаза од процесот на рационализација ќе бидат јавните расправи со граѓаните. Како што најави Коцевски ниту една мерка нема да се спроведува без консултација со граѓаните и родителите. Ова е второ искуство на општината со рационализацијата на училишната мрежа која според искуството од 2006 година дава резултати на планот на ефективноста  и квалитетот на образованието.