Рациновото признание 2018 за писателот Игор Станојоски
На прес конференција што се одржа во Друштвото на писатели на Македонија, на 12 јуни годинава, градоначалникот Аце Коцевски во својство на претседател на Организацискиот одбор на „Рациновите средби“ ја соопшти одлуката за доделување на Почесното Рациново признание на Дијана Влатковиќ и д-р Борјана Прошев-Оливер од Република Хрватска за Хрватско-македонскиот речник во издание на Матица на Македонците во Хрватска.
„Нашата цел е Рациновите средби да ги вратиме на највисокиот пиедестал на македонската култура, да се избориме во Македонија да победат вистинските културни вредности, а не турбофолкот, шундот, сомнителната култура“, рече Коцевски“. Тој ја информираше јавноста и за наградата „Антологија на болката“ за стихови напишани на електронска картичка која со одлука на жири комисијата ќе и се додели на Емилија Карафиловска за картичката „Изградив дом во твојот поглед“.
Академик Луан Старова, претседател на жири комисијата за доделување на Рациновото признание за 2018 година ја соопшти одлуката на комисијата за доделување на признанието на писателот Игор Станојоски за романот „Диссомнии“ во издание на „Антолог“. „Авторот на овој роман покажува вешта раскажувачка стратегија, со искрена, динамична и уверлива нарација да го придобие читателот од почетокот до крајот, да го улови во комплексно книжевно четиво преполно со непредвидливи настани“, стои во едогласната одлука на жирито.
„Победува најгласно извиканата вистина, а најчесто најгласно извикана вистина е онаа во која ќе се вложат највеќе пари. Но, писателите најмалку имаат право да се предадат. Во ова време на хиперпродукција на текст, на претежно глупави и бесмислени статии на портали, романсиерот треба да е најблиску до пишувањето на семоќен роман кој како тивка вода ќе помести нешто во општеството. Јас се надевам дека „Диссомнии е таква тивка вода“, рече Станојоски. Тој упати благодарност за престижното Рациново Признание.
На прес-конференцијата проф. д-р Људмил Спасов ја информираше јавноста за претстојната конференција посветена на унапредувањето на статусот и корпусот на македонскиот јазик која е дел од програмата на Рациновите средби. Манифестацијата започнува утре на Лопушник и ќе продолжи на 14 и 15 јуни во Велес со богата културно-уметничка програма во чии рамки ќе настапат Влатко Стефановски и етногрупата „Љубојна“. Генерален покровител на Рациновите средби 2018 е компанијата Дрекселмајер, а се организира со поддршка на Министерството за култура.