Со почит за Рацин, на Лопушник започнаа 55. Рацинови средби


Јубилејното 55. издание на културната манифестација Рацинови средби започна денеска со оддавање почит на местото на загинувањето на Коста Солев Рацин, на планината Лопушник и на спомен обележјето што таму е поставено во негова чест.

Почитта за Рацин заеднички ја организираа Општина Велес и Општина Кичево. Четириесетина претставници на двете општини, Општинските организации на Сојузот на борците од Велес и Кичево, претставници на АРМ, извидници, претставници на „Ротари клуб“- Велес, Медицинскиот центар – Кичево, Шумското претпријатие „Лопушник“, ученици и наставници од Кичево положија цвеќе на двете локации и му оддадоа почит на основоположникот на современата македонска поезија, литература и култура Кочо Рацин.

Во чест на поетот стихови од „Бели мугри“ читаа ученици од средните училишта во Кичево и СОУ „Гимназија Кочо Рацин-Велес“. Рациновите средби продолжуваат утре, со оддавање почит на Спомен костурницата во 18 часот. Свеченото отворање е во 20:30 часот во народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

Годинава се одбележуваат три јубилеи: 110 години од раѓањето, 75 години од смртта на Рацин и 55 години од востановувањето на културната манифестација „Рацинови средби“.