Велес, престолнина на поезијата - Свечено отворени 55. Рацинови средби
Јубилејното 55 издание на Рациновите средби беше свечено отворено на 14 јуни годинава, во народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот.
„Мора да се обврземе и да направиме се што е потребно за да ги вратиме Рациновите средби на пиедесталот на македонската култура, помеѓу назначајните културни манифестации во земјата. Време е во Македонија да победат вистинските културни вредности. Рациновите пораки силно допираат до нас, што за жал се разделивме како народ. Затоа, неговата песна „Нели бевме“, сочувана за навек во архивата на МАНУ нека ни биде најголемата лекција, најголемиот повик за будење.
Најголема придобивка за нас е што ги имаме овие стихови да не отрезнат, да не разбудат и да ни кажат дека сите сме едно. Да ја закопаме злата мисла, сите политички поделби, сите разлики без оглед на која етничка заедница и припаѓаме и во срцата да го послушаме гласот на Рацин, пак да бидеме едно. Се надевам дека допрва сите ќе ја сфатиме неговата големина, дека повеќе ќе дадеме од себе и на национално и на локално ниво за да го сочуваме нашиот човечки паметник како што доликува.“, рече во своето Обраќање Градоначалникот Аце Коцевски, претседател на Организацискиот одбор на манифестацијата.
Беседата за Рацин годинава ја напиша проф. д-р Кристина Николовска. „Вечерва ќе му јавиме на светот дека Велес е престолнина на поезијата! На уметноста, културата и науката. Суштината Рацинова е длабоко во реките на нашата крв, во срцевината на искрената љубов и вербата во доброто, праведното, напредното, животворното. Рацин и Македонија. Македонија во Рацин-како вистина. Како неодложна вистина и суштина. Генијалниот и епохален Рацин, кој однатре не осветли сите и остана вечен патоказ. Погледнете длабоко во себе. Оттаму расте Рациновата светлина“,рече Николовска.
Со интерпретација на „Реквием за Рацин“, на средбите му беше оддадена почит на академик Матеја Матевски. Беа презентирани извадоци од филмот „Музата на поетот„ со стихови од Рацин во интерпретација на Ѓорѓи Бисерков Дампе. На традиционалниот поетски митинг настапија 16 поети од Македонија, Србија, Бугарија, Турција и Албанија. На свеченото отворање настапија камерниот црковен хор „Св. Великомаченик Пантелејмон“, актерот Васил Зафирчев и композиторот Оливер Тевчев“. Со концерт во чест на Рацин публиката ја воодушеви македонскиот виртуоз на гитара „Влатко Стефановски“. Рациновите средби продолжуваат денеска со богата културно-уметничка програма.