Водата во Езерото Младост со одличен квалитет
Последните микробиолошки испитувања на водата во Езеро Младост, спроведени во месец мај од Центарот за јавно здравје - Велес покажуваат дека микробиолошки езерската вода е исправна за користење и е оценета како “одлична”. Примероците вода од мерните места Градска плажа и хотел „Романтик“ покажуваат дека во најголем дел од параметрите водата е во прва и втора класа, освен за матност и суспендирани материи каде водата е во петта, односно во трета класа.
Генерален заклучок е дека водата во езерото може да се користи за капење и рекреација, а нејзиниот квалитет редовно ќе се проверува во текот на летниот период.
Сите поголеми угостистелски објекти, вклучувајќи го и угостителскиот објект лоциран во водите на езерото се веќе приклучени на Регионалниот колектор за фекална канализација кој минува околу езерото. Управувањето со системите за одведување на отпадни води на објектите кои гравитираат околу езерото со задолжително внимание ќе се следи од страна на надлежните инспекциски служби во општината во предстојниот период.
Со цел да создаде подобри услови за капачите кога Градскиот базен е вон функција, по налог на Општина Велес ЈКП „Дервен“ изврши темелно косење на неорганизираното зеленило од почетокот на Градска плажа до браната на акумулацијата. Со почетокот на капачката сезона ќе се интензивира одржувањето на јавните површини околу летниковците и плажите, како и чистење на големата пештачка патека.
Општина Велес апелира до граѓаните заеднички да се грижиме за нашата најатрактивна туристичка локација и совесно да се однесуваме во постапувањето со отпадот со што ќе да придонесеме за чистотата на езерото Младост.