Донаторите со финансиска поддршка за Велес
На прес конференција, Градоначалникот Аце Коцевски ја извести јавноста за поддршката од меѓународни и домашни организации и институции на развојот на Велес.
„Од Европската инвестициона банка известени сме дека обезбедени се дополнителни 300-400 илјади евра што значи дека вкупните неискористени средства од Европската инвестициона банка за инфраструктурни проекти во Велес сега изнесува 1.292 303 евра. Обезбедени се дополнителни финансиски средства од Министерството за транспорт и врски во висина од 400.000 денари. Од Светска банка имаме на располагање нешто на 50.000 евра за реализација на еден инфраструктурен проект за кој треба да се донесе одлука.
Од Програмата за развој на Обединетите нации добивме донација од 12.000 евра за реконструкција на салата на Општина Велес и за нејзина трансформација за двојна намена и за одржување на седници на Советот на Општина Велес, за работата на советот да ја направиме многу потранспарентна отколку во досегашниот период за да може на седниците да присуствуваат помасовен број граѓани на Општина Велес. Пилот проектот ќе биде применет и во други општини во Македонија“. Градоначалникот ја извести јавноста дека од Фудбалската федерација на Македонија преку Општинскиот фудбалски сојуз покрај 1500 седишта за трибините, дополнително се одобрени 15.000 евра, по 5000 евра за фудбалските игралишта во Градскиот парк, помошното игралиште и фудбалските терени во Превалец и Башино Село.
Од УНДП дополнително се добиени 60.000 евра за проект кој дополнително ќе се избере со граѓаните во транспарентна постапка. Од Глобалниот еколошки фонд во партнерство со ЕД „Вила зора“ и „Пакомак“ добиена е донација во вредност од 30.000 евра, во вид на пластични контејнери од 1,1 м3 за собирање на ПЕТ амбалажа. Проектот предвидува и кампања во општинските институции, особено во училиштата за подигање на јавната свест за рециклирање на отпадот. Општина Велес учествува во овој проект со 100.000 денари. ХАБИТАТ финансиски ќе го поддржи ажурирањето на Акциониот план за одржлива енергија-СЕАП со цел да ги исполни стандардите на ЕУ и да биде соодветен за аплицирање на проекти за енергетска ефикасност пред странските фондови.
За изградба на водоснабдителниот систем во Индустриската зона „Мамутчево“ од Министерството за локална самоуправа обезбедени се 8,5 милиони денари. Општина Велес успешно го помина првиот филтер на повикот од Светска банка за проекти од областа на туризмот и во моментов се работи на финалната апликација на проектот за ревитализација на езерото „Младост“ вреден над 1 милион евра. Активни ќе бидат сите компании во околината на езерото Коцевски изрази надеж дека успешно ќе биде помината и втората фаза на апликацијата.