Стартува 15. Интернационален фолклорен фестивал
Од 4 до 7 јули годинава, Велес ќе биде домаќин на 15-то јубилејно издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“.
На прес –конференцијата што се одржа во општина Велес на 2 јули годинава, програмата ја презентираше Томе Јаневски, претседател на Организацискиот одбор. Фестивалот ќе започне во среда 4-јули и ќе трае до сабота 7-јули. Велешани и сите љубители на фолклорот од Македонија ќе имаат можност да ги проследат настапите на вкупно 18 директни учесници на фестивалот од кои 6 ансамбли од странство и 10 ансамбли од Македонија.
Оваа година покрај домашните ансамбли ќе учествуваат ансамбли од Мексико, Естонија, Словачка, Србија и Црна Гора. Дефилето ќе започне на 4 јули (среда) во 19 часот од ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“. Свеченото отворање на фестивалот е во 20 часот и 15 минути. Сите фестивалски вечери со почеток во 20:30 часот ќе се одвиваат во амфитеатарот во Младинскиот парк. Во случај на лоши временски услови фестивалот ќе се одвива во спортската сала „Гемиџии“.
На финалната вечер во сабота 7 јули, затворањето на фестивалот ќе започне 30 минути порано, во 20 часот. „ Би сакал да изразам задоволство што ете доживеавме да прославиме цели 15 години од востановувањето на Интернационалниот фолклорен фестивал Велес и да му покажеме на светот дека Велес е град кој умее да прерасне во центар на светскиот фолклор и култура.Се надевам дека заедно и овој пат ќе се покажеме како одлични домаќини на оваа реномирана меѓународна манифестација и дека ќе имаме јубилеј за паметење“ рече Јаневски. На прес- конференцијата, градоначалникот Коцевски упати благодарност до организацискиот одбор за досегашната успешна организација на фестивалот и изрази надеж дека и годинава фестивалот ќе има успешно јубилејно издание.