Во тек над 20 инфраструктурни проекти

Општина Велес интензивно работи на реализација на проекти за подобрување на инфраструктурата во градот и во населените места.

На 2 јули годинава, на прес конференција градоначалникот Аце Коцевски презентираше над 20 тековни инфраструктурни проекти меѓу кои асфалтирање на улица во сателитска населба Езеро Младост, изведба на улицата „Бајрам Хасановиќ“ во Оризари во должина од 150 м, поправка на патот од трафостаница кај Порцеланка до село Оризари  во должина од 1 км, обработка на дел од улицата „Максим Горки“, поправка на пат во село Сливник, во должина од околу 2,5 км, обработка на ул. „Трајко Панов“ со бекатон, подобрување на водоснабдувањето во Превалец и во Оризари.

Паралелно се работи на мрежата за јавно осветлување на улиците во градот и во четири населени места, како и на поставување урбана опрема низ градот и селата.  Во тек е тендерска постапка за избор на изведувач за обликување  на трибините на градскиот стадион и монтажа на обезбедени 1500 седишта, како и уредување на просторот над трибините. Со истата динамика се работи на подготовка на документација за значајни проекти меѓу кои студија за состојбата на мостот на реката Вардар кај Башино село со предлог мерки за негова реконструкција. Како што соопшти Коцевски на прес конференцијата, во моментов се финализираат постапките за добивање на градежна дозвола за изградба на патот од Сливник до Бузалково, во должина од 6,5 км и изградба на паркинг на улицата „Љубљанска“.