ИФФ 2018 - Фолклорните традиции го освоија Велес

Во преполниот амфитеатар во младинскиот парк, на 4 јули годинава свечено беше отворено 15-то јубилејно издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“.

Фестивалот го отвори гградоначалникот Аце Коцевски. „Кога во не толку далечната 2003 година, пред 15 години го основавме фестивалот сонувавме да дојде овој ден, Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“  да стане убедливо најмасовната, најпосетуваната културна манифестација во Велес и искрено ви благодарам за вашето масовно присуство. Велес овие денови е престолнина на фолклорот во Република Македонија и пошироко на Балканот“, рече Коцевски кој упати благодарност до Министерството за култура, спонзорите  и сите кои беа вклучени во успешната организација на фестивалот.

Пред присутните се обрати и Томе Јаневски, претседател на Организацискиот одбор кој го нагласи значењето на фестивалот. „Деновиве Велес пак ќе биде центар на музиката, ората, танците и песната. Одовде ќе испратиме  порака дека во Велес се созадава мал свет кој е вистинско богатство за секој што може барем за момент да го види и да го доживее“, рече Јаневски.

Како специјални гости  на фестивалот настапија членовите на Градскиот дувачки оркестар од Штип како и членовите на балетските студио „Анабела“ и „Црни мачиња. На првата фестивалска вечер, љубителите на фолклорот имаа можност да ги проследат настапите на фолклорните ансамбли „Де Тореон“ од Мексико, Тина танц студио“ од Естонија, „Студио фолклор“  и „Јени Јол“ од Македонија, „Младост“ од Словачка и „Миломир Петровиќ“ од Србија. Фестивалот ќе трае до 7-ми јули годинава. Сите фестивалски вечери ќе се одвиваат во амфитеатарот во Младинскиот парк, а во случај на лоши временски услови во спортската сала „Гемиџии“.