Градоначалникот домаќин на фолклористите од странство

Традиционално Градоначалникот Аце Коцевски организираше прием за претставниците на фолклорните ансамбли од странство-учесници на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ 2018. На приемот кој се одржа на 5 јули годинава во општина Велес присуствуваа претставници на фолклорни ансамбли од Србија, Мексико, Естонија и Словачка како и претставници на организацискиот одбор на фестивалот.

На средбата Коцевски , во името на сите граѓани им посака срдечно добредојде на фолклористите и изрази надеж дека убаво ќе се чувствуваат во Велес и ќе имаат вистинска можност пред широка публика да ги презентираат фолклорните традиции на своите земји. Тој го претстави и најзначајното културно – историско наследство на Велес како центар на македонската култура и авангарда.

Од своја страна, претставниците на фолклорните ансамбли од странство изразија воодушевување од топлиот прием и гостољубивоста на велешани. Преставниците на Естонија и Мексико нагласија дека токму тоа е причината по вторпат да дојдат во Велес и дека навистина уживаат во атмосферата на срдечност и пријателство. Велешани ќе имаат можност да уживаат во настапите на гостите од странство до затворањето на 15-то јубилејно издание на фестивалот на 7 јули годинава.