650 фолклористи го развеселија Велес – Затворен ИФФ 2018
Вчеравечер во преполниот амфитетар на Младинскиот парк со ора, танци и песна беше затворено15-то јубилејно издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“.
На свеченото затворање настапија ансамблите „Распеани пензионери“ од Велес, Македонија, „Тина танц студио“ од Естонија, „Севдах“ од Србија, „Младост“ од Словачка, „Де Тореон“ од Мексико и „Коле Неделковски“ од Велес, Македонија. Фестивалот го затвори Томе Јаневски, претседател на Организацискиот одбор кој упати благодарност до граѓаните на Велес за нивната гостољубивост, масовното присуство и поддршката на фестивалот.
Во четирите фестивалски вечери на сцената настапија над 650 фолклористи од кои 200 од странство. Годинава фестивалот беше домаќин на над 12 домашни и 6 странски ансамбли. Учесниците на фестивалот добија благодарници, а странските гости имаа можност на завршната забава да научат македонско оро. Како порака до светот за нашето бесценето фолклорно наследство, КУД „Коле Неделковски“ го затвори фестивалот со „Македонско девојче“. ИФФ „Велес“ 2018 го организираше, основачот на фестивалот Општина Велес со поддршка од Министерството за култура.