Летна школа за децата со посебни образовни потреби
Од 7 до 12 јули годинава 25 ученици (15 од петте редовни основни општински училишта во Велес на возраст од 10 до 12 години и 10 ученици со посебни образовни потреби од ПОУ „Маца Овчарова“) ќе бидат учесници на летна школа во детското одморалиште „Мајски цвет“ во Струга.
Летната школа е дел од проектот “Другаруваме, спознаваме, учиме, напредуваме“, кој се реализира на ниво на Општина Велес, со финансиска поддршка од Фондацијата „Отворено општество Македонија“. Школата ќе ја реализираат 5 дефектолози (Зага Колодезни, Живка Панова Саздова, Весна Стојаноска Ивановска, Марија Давчевска и Вера Коцева), вработени во ПОУ „ Маца Овчарова“ и членови на НВО „Порака“ - Велес.
Проектот се реализира со поддршка од градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски и директорите на основните училишта во градот. На летната школа која има инклузивен карактер, учениците од редовните училишта ќе може да поминат повеќе време со своите врсници со посебни потреби. Освен меѓусебното запознавање и дружење, учениците од редовните училишта ќе бидат обучени за тутори на учениците со посебни потреби, со цел да им помогнат на своите другарчиња со посебни потреби од редовните училишта и да помогнат во ефективно инклузивно вклучување на учениците со посебни образовни потреби во редовните основни училишта. Превозот на учениците и дефеколозите го обезбеди Општина Велес.