Промовирана кампањата „На секое дете му треба семејство“
Во присуство на граѓани, претставници на Министерството за труд и социјална политика, СОС детското село и канцеларијата на УНИЦЕФ, локални установи и здруженија на граѓани, на 12 јули годинава во Младинскиот парк беше промовирана кампањата „На секое дете му треба семејство“.
За активностите што ги презема општината во грижата за децата без родители како еден од главните приоритети говореше Душко Петров, претседател на Советот на Општина Велес. „Наша обврска е да им создадеме добри услови за среќно и безгрижно детство. Како општина ова постојано го докажуваме преку различен број на активности како што е финансиската поддршка на деца без родители и родителска грижа, поддршка за талентирани ученици од социјално загрозените семејства, новогодишни подароци на децата без родители и многу други активности.
За кампањата говореше Бенџмин Перкс,претставник на канцеларијата на УНИЦЕФ кој ги информираше присутните за улогата на згрижувачките семејства и придобивките од хуманоста за целиот град и државата. „На секое дете му е потребна љубов“ порача Перкс со апел до велешани да се вклучат во акцијата и да донесат радост во животот на децата без родители. Од името на тимот на Центарот за социјална работа кој работи на оваа проблематика, се обрати Нада Трајкова која ја истакна предноста на оваа алтернативна мерка за згрижување на деца без родители и родителска грижа.
Своето искуство како згрижувачи на деца без родители го споделија и Марина Аврамова и Исмаил Дурмишовски. На настанот настапи балетското студио „Анабела“. Граѓаните кои сакаат да се вклучат во оваа благородна акција можат да се јават на контакт телефонот 15 133