Велешани ја прославија поканата за НАТО

Во преполниот амфитеатар на Младинскиот парк, на 14 јули годинава се одржа прослава по повод поканата за членство во НАТО. На Велешани им се придружи вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој изрази задоволство што се наоѓа во својот роден град и што радоста за поканата за членство може да ја сподели со своите сограѓани.

Со став дека Македонија не може да биде последна црна дупка на Балканот, Ангушев ги нагласи придобивките од овој значаен чекор за државата. „ Со Влезот во НАТО ќе се обезбеди поголема безбедност за државата и граѓаните и ќе се обезбедат и поголеми перспективи. НАТО не значи само безбедност, значи сигурност и инвеститори, економија и подобар живот. Време беше еднаш да тргнеме по тој пат по 25 години чекање и тапкање во место. Конечно да тргнеме на патот на интеграција во ЕУ и НАТО, а тоа практично значи да го достигнеме и квалитетот на живот на тие земји“, рече Анѓушев. 

Вицепремиерот укажа дека големи придобивки ќе имаат малите и средни претпријатија кои ќе станат дел од конкурентниот пазар на Европа и ќе имаат пристап до европските фондови и грантови. Тој нагласи дека со интересот на меѓународните организации за поддршка на значајни инфрастрктурни проекти веќе се чувствуваат промените. На прославата организирана од Владата на Република Македонија, велешани ги забавуваа Ферус Мустафов и Слаткаристика.