Стартува 17. Интернационален фестивал на античка драма СТОБИ

17-то издание на ИФАД „Стоби“ ќе започне во четврток 19 јули и ќе трае до 29 јули годинава. Ова на прес конференција, на 16 јули годинава го соопшти Драган Миладиновски, претседател на Организацискиот одбор на фестивалот.

„Со поддршка на Управата за заштита на културното наследство и националната установа „Стоби“ годинава фестивалот го враќаме во неговиот автентичен амбиент, археолошкиот локалитет Стоби“, рече Миладиновски кој ја презентираше програмата на фестивалот. Во официјална конкуренција годинава ќе бидат изведени 5 претстави: „ЛИСИСТРАТА“ на Народниот театар „ЈХК-Џинот“- Велес“, „ЈУЛИЕ ЦЕЗАР“ на Народниот  Театар од Битола, „АРДАЛИОН“, на Ереванскиот државен театар на пантомимата, Ерменија, „КРАЛСКИТЕ КОПИЛИЊА“ на Народниот театар „ЈХК“-Џинот- Велес ,  и „НЕРОН И ЈАС“ на Жамбилскиот областен руски драмски театар, Казахстан. Фестивалот ќе биде затворен на 29 јули со претставата  „ЛИСИСТРАТА“, на Народниот театар ЈХК-Џинот, Велес, Македонија. Покрај претставите, на 19 јули годинава во театарот „ЈХК-Џинот“ ќе биде отворена изложба на Сашо Димоски посветена на Стоби и ќе се одржат 5 тркалезни маси насловени „Античка плоча“.

На прес конференцијата Младен Крстевски, директор на Народниот театар „ЈХК-Џинот“ ги извести љубителите на тетарската уметност дека годинава ќе бидат обезбедени 5 автобуси за превоз до Стоби, а билетите за претставите се бесплатни и ќе бидат достапни кај автобусите и на билетарата на театарот. Крстевски изрази задоволство што „Стоби“  се враќа дома.  „Ова за мене значи враќање на духот и суштината на фестивалот кој пред 17 години  го создадовме за тој амбиент и кој и во иднина треба да се случува на археолошкиот локалитет“, рече тој. Миладиновски и Крстевски упатија благодарност до градоначалникот Аце Коцевски, Управата за заштита на културното наследство, националната установа Стоби, покровителите „Маркард“ и „Делта Пром“ и сите поединци и организации  кои дадоа поддршка за организацијата на фестивалот.  Годинешното издание на фестивалот го организира Општина Велес во соработка со Народниот театар „ЈХК-Џинот“-Велес.