Општина Велес домаќин на Форум за децентрализација
Швајцарската програма за поддршка на граѓанските организации „Цивика мобилитас“ денеска во Општина Велес организираше форум посветен на децентрализацијата.
Во присуство на Амбасадорката на Швајцарија во Македонија Сибил Сутер Тејада претставници на институции и граѓанскиот сектор на Регионалниот форум „Процесот на децентрализација во Македонија“ отвори голем број прашања за улогата на граѓанското општество во децентрализацијата на власта и развојот на одржливи општини.
„Овој форум денеска е конкретен доказ за ваквиот пристап. Со очекуваното започнување на процесот на пристап во ЕУ децентрализацијата ќе стане уште поважно прашање. Се надевам дека швајцарската поддршка на овој процес преку програмата Цивика мобилитас ќе претставува дополнителна вредност, рече Амбасадорката Сутер Тејада.
За предизвиците на децентрализацијата говореше и градоначалникот Аце Коцевски кој го изнесе искуството од начинот на функционирање на локалната самоуправа во моментов, потребите за поефикасна организација на администрацијата и продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор. „Темата децентрализација е за жал заборавена и запоставена. Потребни се реформи, особено во фискалната децентрализација“, рече Коцевски.
Меѓународниот лидер на Цивика мобилитас, Петруш Тоинес нагласи дека Програмата Цивика мобилитас, во изминатите години, го поттикнуваше граѓанскиот сектор во Македонија на активности и акции кои промовираа заедништво. Форумот отвори дебата и за регионалниот развој и неговите перспективи во Македонија.