Бои на небото над Стоби – стартуваше 17. Фестивал на античка драма

Театарот се врати во Стоби. Во преполниот антички театар на локалитетот „Стоби“, на 19 јули годинава започна 17 издание на Интернационалниот фестивал на античка драма.

Фестивалот го отвори Градоначалникот Аце Коцевски кој и се заблагодари на публиката за масовната поддршка на овој театарски спектакл. Особена гордост за Велес е што го имаме единствениот фестивал на античка драма во Македонија и еден од најраритетните во Европа кој ги негува античките текстови стари 2000 години“, рече Коцевски. Тој изрази задоволство што по три години фестивалот се врати во својот автентичен амбиент во Стоби и упати благодарност до покровителите „Маркард“, „Делта Пром“ и поддржувачите на фестивалот Националната установа „Стоби“.

Програмата на фестивалот ја претстави Драган Миладиновски, претседател на Организациониот одбор. „Навистина сум среќен што 17-то издание на фестивалот успеавме да го организираме овде во античкиот театар на локалитетот Стоби“, рече Миладиновски. Публиката ја поздрави и Младен Крстевски, директор на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Тој го нагласи значењето на овој уникатен фестивал кој за првпат го оживеа античкиот театар во 1992 година, со премиерата на театарската претстава Електра и прерасна во фестивал кој секоја година ја привлекува публиката. Традиционално, фестивалот започна со огномет на небото над Стоби.

Ниту дождот не ја спречи публиката да ужива во комедијата „Лисистрата“ на Аристофан, во Режија на Хакоб Газанчјан и во изведба на Народниот театар „ЈХК-Џинот“. ИФАД Стоби продолжува денеска (20 јули), во 12 часот во Народниот театар „ЈХК-Џинот“ каде ќе биде отворена изложбата „Дневник –татар Џинот во Стоби“ на авторот Сашо Димоски и ќе биде одржана тркалезна маса „Античка плоча“.

Вечерва на локалитетот Стоби настапува Битолскиот народен театар со претстава „Јулие Цезар“. И за вечерва Општина Велес ќе организира бесплатен автобуски. превоз за граѓаните. Поддршка на фестивалот обезбедија и ЈКП „Дервен“ и „Жито“.