Изложба посветена на ИФАД „СТОБИ“

Во организација на Општина Велес и Народниот театар „ЈХК-Џинот“, на 20 јули годинава, во фоајето на театарот беше отворена дигиталната изложбa.

„Дневник: Театар Џинот во Стоби“ на авторот Сашо Димоски. Изложбата која е дел од програмата на 17. Издание на ИФАД „Стоби“ ја отвори Младен Крстевски, директор на Народниот театар „ЈХК-Џинот“. „Велешкиот театар имаше огромна среќа да ја има најдобрата отворена театарска сцена во Македонија“,  рече Крстевски кој најави дека театарот наскоро ќе има пет сцени со што ќе биде водечки во државата.

За изложбата зборуваше и актерката Слободанка Чичевска која сподели спомени од улогите во претставите одиграни на Стоби. „Реки од народ доаѓаа и ги очекуваа следните претстави“, рече Чичевска.  Изложбата поставена преку дигитален приказ со 47 слајдови на обработен архивски материјал претставува како хронолошко- документаристички приказ на театарските продукции кои биле создавани во амбиентот на античкиот театар, како и на оние создавани на матичната сцена на театарот и презентирани во Стоби  од 1992 година до денес). Станува збор за архивски материјал од дваесет и четири театарски продукции во кои учествувале сите актери  и техничкиот персонал на театарот.