Јулие Цезар на сцената во Стоби

На втората фестивалска вечер на ИФАД „Стоби“, на 20 јули годинава Битолскиот народен театар ја изведе претставата „Јулие Цезар“ работена според Шекспир, во режија и сценска адаптација на Златко Паковиќ.

Преплетувајќи го римското време со сегашноста 14 актери на сцената направија брутална вивисекција на општеството. Од политичките интриги, сервилноста, пропагандата до бесмислените поделби на народот, претставата ја нагласи актуелноста на прашањата кои најчесто се премолчуваат во сите општества.

Минатото и сегашноста силно прозвучија на сцената пред преполниот антички театар во Стоби. Претставата е во официјална конкуренција за награди. Фестивалот  на античка драма „Стоби“ продолжува денеска со тркалезната маса „Античка плоча“ во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“.

Во недела, 22 јули, на сцената во Стоби Ереванскиот државен театар на пантомимата ќе ја одигра претставата „Ардалион“ во режија на Жираир Дадасјан. За љубителите на театарот од Велес, организаторот на фестивалот Општина Велес ќе обезбеди бесплатен автобуски превоз до локалитетот Стоби.