Општина Велес на врвот во државата според индексот на активна транспарентност

Трета година по ред Центарот за граѓански комуникации „Цивика Мобилитас“ објавува Индекс на активна транспарентност со кој се оценува подготвеноста на институциите самите да објавуваат информации за граѓаните без тоа некој да го бара од нив. 

Во истражувањето за 2018 година, помеѓу 97 вклучени институции (министерствата и општините) Општина Велес е една од двете најуспешни институции во државата. Оценката на општината е 80,6%  и  заедно со Општина Битола спаѓа во во најдобрата група, онаа со „многу добра“ активна транспарентност.  Процентот на исполнетост на обврските за активно објавување на информациите кај сите 97 институции вклучени во истражувањето изнесува 43,5% (од можни 100%).

Степенот на активна транспарентност во 2018 година е незначително зголемен во однос на 2017 година (кога просечно изнесуваше 42,5%). Во рамките на транзицијата во новиот стандард ISO 9001:2015 и програмските определби за комуникација со јавноста, Општина Велес работи на постојано подобрување на транспарентноста кон граѓаните како еден од врвните приоритети. Постигнатиот резултат на државно ниво е поттик повеќе за развој на нови алатки и примена на највисоките европски стандарди за активна транспарентност.